Fitnes.mk
Што добиваш Како работи Тренери Совети Покана Контакт Започни бесплатно
Започни бесплатно

Политика за приватност

Последно ажурирање: 5 октомври 2026


Кратко, ако не сакаш да читаш сѐ

Апликацијата работи на твојот телефон. Сѐ што внесуваш - дневници, мерки, планови - се чува локално, а на сервер оди само ако врзеш е-пошта, како копија за да можеш да го вратиш на друг телефон.

Две работи се исклучок, зашто без нив разговор со тренер не постои: твоето име и тоа дали си тренер одат на сервер и без врзана е-пошта, и проверените тренери можат да ги видат. Ништо повеќе од тоа не гледаат - ни дневник, ни мерки, ни е-пошта.

Твоите податоци не ги продаваме никому. Апликацијата не праќа ништо за тебе до рекламни мрежи. Веб страниците се друго: таму користиме алатки за мерење и реклами од Google и Meta, и тоа само ако ги прифатиш во лентата за колачиња.


1. Кој сме ние

Fitnes.mk е услуга на БИСКОР ДООЕЛ Прилеп, Македонија, контролор на податоците. Контакт за прашања за приватност: privacy@fitnes.mk

Оваа политика важи и за апликацијата и за веб страницата fitnes.mk. Едно место за двете: две политики за иста фирма со време почнуваат да си противречат, а тогаш ниту една не вреди.

2. Што собираме

Само она што ти самиот го внесуваш или го одобруваш:

Профил: име (она што ќе го внесеш при подесување), е-пошта (ако ја врзеш), пол, година на раѓање, висина, цел, ниво на активност.

Мерки за телото: тежина, обем на струк и гради - кога ги внесуваш.

Дневник на храна: што си јадел, колку и во кој оброк.

Дневник на тренинзи: вежби, серии, тежини, датум.

Вода, дишење, сонце, потсетници: твоите записи и поставки.

Мозочни вежби: твоите резултати и рекорди.

Разговори: што пишуваш во четот, вклучително во разговорот со Фитнес ВИ. Разговорот со Фитнес ВИ го гледаш само ти. Разговорот со тренер го гледате двајцата, а напишаното во група го гледаат сите во таа група. Каде живеат е опишано во точка 4, и се бришат заедно со сметката.

Прашања на кои Фитнес ВИ не знаело да одговори: кога ВИ нема да умее да одговори на нешто, го чуваме текстот на тоа прашање за да го научиме да одговара. Цифрите во него се заменуваат со знак пред да замине од телефонот, и НЕ се запишува кој го поставил - записот не е поврзан ниту со твојата сметка, ниту со твојот уред. Можеш да го исклучиш во Профил. Прочитај го и делот за бришење во точка 8; овој запис е единствениот исклучок таму.

Статистика за користење на апликацијата: кои екрани ги отвораш, кои функции ги користиш, и три технички податоци: платформата (iOS или Android), верзијата на системот и верзијата на апликацијата. Моделот на телефонот не се праќа. Од тоа гледаме каде луѓето застануваат. Не е врзано за твоето име ниту за е-поштата, рекламниот идентификатор е исклучен, и не се споделува со рекламни мрежи. Се исклучува во Профил, под „Статистика за користење".

Чекори: само ако дозволиш. Се читаат од сензорот за движење на телефонот (expo-sensors). Историјата на чекори е дел од резервната копија како и другите записи: на сервер оди само ако врзеш е-пошта.

Лекции: кога си отворил и кога си завршил лекција, и дали дејството што лекцијата го предлага навистина се случило. Последното НЕ значи дека го читаме твојот дневник - се снима само бројот на записи во моментот кога лекцијата е завршена, и се споредува дали се променил. Знаеме дека нешто е запишано; не знаеме што.

Покани: твојот код за покана, и врската „оваа сметка дошла преку таа сметка". Покрај врската тренер-клиент и членството во групите, ова е единственото место каде што чуваме врска меѓу двајца корисници. Не се качуваат контакти од телефонот, ниту се чита кому си го испратил линкот - знаеме само кој код е искористен и од која нова сметка.

Другите корисници НЕ можат да ја видат оваа врска. Ни ти не можеш да видиш кој кого поканил - самата база го одбива тоа читање; ти гледаш само бројка колку луѓе дошле преку тебе.

Што НЕ собираме: локација, контакти, микрофон, историја на прелистување, идентификатори за рекламирање. Галеријата на телефонот не ја читаме. Слика стигнува до нас само кога ти самиот ќе ја закачиш на порака; тоа е опишано во точка 4.

Извештај за паѓање на телефонот. Кога апликацијата ќе пукне, пораката за грешката се запишува ЛОКАЛНО, за да можеме да ја видиме ако ни ја пријавиш. Тој запис не се качува на сервер и не се синхронизира.

3. Веб страницата fitnes.mk

На сајтот собираме многу помалку отколку во апликацијата. Но не и ништо.

Квиз и контакт форма. Го чуваме она што го внесуваш во формата, и IP-адресата од која е испратена пораката. IP-адресата ја бележиме заради безбедност, спречување злоупотреби и спам, и правилно работење на услугата. Правна основа е нашиот легитимен интерес да ја заштитиме страницата. Се чува заедно со податоците од пораката и не се споделува со трети страни, освен ако тоа го бара законот.

Колачиња и следење на веб страниците. Сајтовите користат неопходни колачиња за основно функционирање. Покрај нив, користат и алатки за мерење и реклами од Google (Google Analytics, Google Ads) и Meta (Meta пиксел). Тие поставуваат свои колачиња и можат да те препознаат на други сајтови, за да ти покажат наша реклама подоцна. Тоа е рекламирање и ретаргетирање, и токму за тоа прашува лентата за колачиња.

Овие алатки се вклучуваат дури откако ќе ги прифатиш во лентата. Ако одбиеш, воопшто не се вчитуваат. Изборот го менуваш во секое време преку лентата, а колачињата можеш и да ги избришеш во прелистувачот.

Фонтови. Буквите на сајтовите се вчитуваат од Google Fonts. При тоа твојот прелистувач се поврзува со сервер на Google, и Google ја гледа твојата IP-адреса. За ова не се поставуваат колачиња и лентата не прашува.

Ова важи само за веб страниците. Апликацијата не ги користи овие алатки.

4. Каде живеат податоците

На телефонот. Секој запис прво оди во локалната меморија на апликацијата. Апликацијата работи целосно без интернет.

На сервер, само ако врзеш е-пошта. Тогаш локалните записи се качуваат како копија кај нашиот обработувач за чување, во податочен центар во Европската Унија. Телефонот останува изворот на вистината; серверот е резервна копија што ти овозможува да се вратиш на друг уред.

Исклучок: името и улогата. Тие две одат на сервер веднаш, без врзана е-пошта. Причината е проста: тренерот не може да ти пише ако не постоиш за него. Одат само тие две работи. Дневниците, мерките и плановите и понатаму чекаат врзана е-пошта.

Пораките за потврда ти стигнуваат од адресата noreply@send.fitnes.mk.

Пораки до нас. Ако ни напишеш преку сандачето во апликацијата, текстот што го праќаш се чува на серверот, врзан за твојата сметка, заедно со верзијата на апликацијата и екранот од кој си пишувал - тоа последното ни треба за да можеме да ја најдеме грешката. Нашиот одговор го гледаш во апликацијата, и ако сметката ти има адреса, ти стигнува и на е-поштата.

Слики закачени на порака. Ако закачиш екранска снимка или слика, таа се чува во затворен простор на серверот, во папка со твојот идентификатор. Просторот НЕ е јавен: сликата ја отвораме преку адреса што трае кратко и не може да се прати натаму. Ја гледаме само ние, и служи само за да ја разбереме пријавата. Внимавај што сликаш - ако на снимката има нешто што не сакаш да го видиме, исечи го пред да ја пратиш.

Слики во разговор со тренер или во група. И тие се чуваат во затворен простор на серверот, во папка на тој разговор. Ги гледаат САМО членовите на тој разговор, преку адреса што трае кратко; никој надвор од разговорот, освен нас ако има пријава. Слика пратена во група ја гледа секој во групата. Пратена слика не се менува и не се брише од телефонот; се брише заедно со сметката.

Известувања за нови пораки. Ако дозволиш известувања, телефонот ни дава ознака на уредот. Ја чуваме на серверот, врзана за твојата сметка, за да знаеме каде да јавиме дека ти стигнала порака од тренер или во група. Известувањето го носи името на човекот што ти пишал и името на групата. Текстот на пораката не го носи - него го гледаш дури кога ќе ја отвориш апликацијата. Известувањето патува преку услугата за известувања на Expo, и потоа преку Apple или Google, зашто поинаку не може да стигне до телефон. Се исклучува во Профил, под „Известувања за пораки", или во поставките на телефонот.

Блокирање и пријава. Ако блокираш некого, на серверот се чува кого и кога, врзано за твојата сметка. Другата страна не дознава за блокадата. Пораките од таа сметка повеќе не ги гледаш, од неа не може да ти стигне барање, и разговорот меѓу вас се прекинува. Блокадата ја тргаш во Профил, под „Блокирани".

Ако пријавиш порака или човек, чуваме: кој пријавил, кого, причината што си ја избрал, она што си го допишал, и копија од текстот на пријавената порака. Копијата е потребна зашто пораката може да биде избришана пред да ја погледнеме. Пријавите ги гледаме само ние. Човекот што е пријавен не дознава кој го пријавил.

Ако по пријава ограничиме сметка, чуваме дека е ограничена, до кога и зошто. Ограничениот гледа дека не може да пишува и до кога; причината ја добива ако ни пише преку Помош.

До каде си прочитал. За секој разговор со тренер или во група, серверот памети до кој миг си ги прочитал пораките. Тоа служи за едно: значката за непрочитани пораки да биде иста на секој твој уред и да не се врати по повторна инсталација. Тој запис го гледаш само ти. Другата страна не дознава дали и кога си ја прочитал нејзината порака.

5. Зошто ги обработуваме

Цел Основ
Да ја функционира апликацијата (пресметки, дневници) Извршување на договор
Резервна копија и враќање на друг уред Извршување на договор
Праќање код за потврда на е-пошта Извршување на договор
Чекори од сензорот Твоја согласност, се повлекува во поставките
Пораки што ни ги пишуваш, и нашиот одговор Извршување на договор
Известувања за нови пораки Твоја согласност, се повлекува во Профил
Блокирање, и пријави на пораки и луѓе Наш легитимен интерес да ги заштитиме луѓето во разговорите
Значка за непрочитани пораки (до каде си прочитал) Извршување на договор
Прашања на кои ВИ не знаело да одговори Твоја согласност, се повлекува во Профил
Статистика за користење на апликацијата Наш легитимен интерес да ја подобриме апликацијата
Колачиња за мерење и реклами на веб страниците Твоја согласност, се повлекува во лентата за колачиња

Здравствените податоци (тежина, исхрана, тренинзи) спаѓаат во посебна категорија по ГДПР. Ги обработуваме само врз основа на твојата изречна согласност, што ја даваш кога ја користиш соодветната функција.

6. Кој што гледа

Не продаваме податоци. Апликацијата нема рекламни мрежи и нема аналитика што те следи низ други апликации.

На веб страниците, Google и Meta добиваат податоци преку своите алатки за мерење и реклами, и тоа само откако ќе ги прифатиш во лентата. Она што го добиваат е однесување на сајтот: кои страници си ги отворил, што си кликнал, и нивниот сопствен идентификатор од колаче. Никогаш не добиваат твој дневник, твои мерки ниту здравствени податоци, зашто тие не излегуваат од апликацијата.

Кога ќе ја инсталираш апликацијата преку реклама, продавниците ни кажуваат која кампања ја донела инсталацијата, преку механизмите што ги имаат внатре (SKAdNetwork кај Apple, install referrer кај Google). Тие извештаи се збирни и не те идентификуваат.

Проверените тренери го гледаат името и улогата на секој корисник, за да можат да започнат разговор. Само тоа - ни дневник, ни мерки, ни е-пошта. Значката на тренер ја даваме ние, по проверка; не се зема со впишување.

Другите корисници не гледаат ништо од твојот профил, освен ако сте во иста група или во ист разговор.

Разговор почнува дури откако ќе прифатиш. Тренер може да ти прати барање; додека не го прифатиш, соба не постои и порака не може да ти испрати. Согласноста ја повлекуваш во секое време, и читањето му се затвора веднаш.

Во групите пишувате слободно меѓу себе. Тоа што ќе го напишеш во група го гледаат сите во таа група.

Сето горенаведено не е ветување на зборови туку правило запишано во самата база (Row Level Security): читањето што не е дозволено овде, базата го одбива.

Дел од техничката работа ја вршат надворешни обработувачи: чување на копијата од твоите податоци (податочен центар во ЕУ), праќање на е-пошта (ЕУ), и извештаи за паѓање на апликацијата (ЕУ). Со секој од нив имаме договор за обработка. Список со имињата даваме на барање.

7. Извештаи за паѓање

Кога апликацијата ќе се затвори сама или ќе наиде на грешка, се праќа технички извештај до нашиот обработувач за извештаи. Без тоа не можеме да знаеме зошто нешто пукнало кај тебе.

Што содржи извештајот: што пукнало, во кој дел од кодот, верзијата на апликацијата и видот на уредот.

Што НЕ содржи: твоето име, е-пошта, IP адреса, тежина, висина, ниту што си запишал во дневникот. Ова не е ветување на зборови туку поставка во кодот: сликата од екранот и приказот на екранот се исклучени (инаку би го фотографирале дневникот во моментот на паѓањето), мрежните барања не се праќаат (носат идентификатори), а записите од конзолата се фрлаат пред да излезат.

8. Колку долго ги чуваме

Додека имаш сметка. Сметки без врзана е-пошта што не се јавиле 90 дена се бришат автоматски.

Напредокот низ лекциите и врската од поканата паѓаат заедно со сметката - тие се врзани за неа и се бришат кога таа ќе се избрише.

Кога ќе побараш бришење, копијата на серверот се брише веднаш и трајно. Локалните податоци на твојот телефон се бришат кога ќе ја избришеш апликацијата или преку копчето во Профил.

Еден исклучок, и тој е намерен. Прашањата на кои ВИ не знаело да одговори не се бришат кога ќе ја избришеш сметката - нема по што да се најде дека биле твои. Тоа е директна последица на тоа што воопшто не запишуваме кој ги поставил: во тие записи нема ниту твој идентификатор, ниту цифри, ниту каква било трага што води до тебе. Ако не сакаш ни толку, исклучи го собирањето во Профил и оттогаш нема да заминува ништо.

9. Твоите права

По ГДПР имаш право на пристап, исправка, бришење, ограничување, преносливост и приговор, како и право да ја повлечеш согласноста.

Најголемиот дел ги остваруваш сам, во апликацијата: сите податоци ти се видливи, менливи и бришливи во Профил. За сѐ друго пиши на privacy@fitnes.mk. Одговараме во рок од 30 дена.

Ако не си задоволен, можеш да се обратиш до Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија.

10. Деца

Апликацијата е само за полнолетни, од 18 години нагоре. Свесно не собираме податоци од лица под 18 години. Ако дознаеме дека сме собрале, ги бришеме.

11. Безбедност

Сообраќајот оди преку HTTPS. Пристапот до податоците го чува Row Level Security на ниво на база. Не користиме лозинки - најавата е со еднократен код на е-пошта, што значи дека нема лозинка што може да протече.

Ниту еден систем не е совршен. Ако се случи повреда што носи висок ризик, ќе те известиме.

12. Промени

Оваа политика може да се менува. Промените ги објавуваме на fitnes.mk/politika-za-privatnost. Таму секогаш стои важечката верзија, а датумот на врвот кажува кога е последно менувана.

Услови на користење Приватност kontakt@fitnes.mk

© 2026 Fitnes.mk